Нов буџетски закон во САД: Победа за фосилните горива, удар за зелената енергија

Вашингтон. 3 јули 2025 – Сенатот на САД во вторникот го усвои буџетскиот закон што драматично го менува енергетскиот курс на земјата, давајќи приоритет на нафтата, гасот и јагленот, на сметка на ветерната и соларната енергија. Законот, кој е дел од агендата на актуелниот претседател Доналд Трамп, сега се разгледува во Претставничкиот дом и се очекува негово финално одобрување. Истиот содржи одредби што ги ограничуваат даночните олеснувања за соларни и ветерни проекти, ги укинуваат климатските фондови од времето на претседатлот Џо Бајден и отвораат пат за нови концесии за нафта, гас и јаглен, вклучително и во Арктичкиот национален резерват.

Со новите правила, даночните кредити од 30% за соларни и ветерни проекти ќе бидат достапни само за проекти што ќе започнат со работа до крајот на 2027 година, односно, една година порано од првичниот предлог. Воведени се и нови критериуми за потекло на компонентите, што ги комплицира инвестициите во чиста енергија.

За разлика од обновливите извори, кои се зависни од временските услови, нуклеарните, хидро и геотермални проекти остануваат поддржани, сè додека започнат со изградба до 2033 година.

Реклама

Покрај ова, Законот го поништува финансирањето од 20 милијарди долари наменети за намалување на емисиите на стакленички гасови, како и средства за нискојаглеродна градба, обновување на енергетската инфраструктура и програми за намалување на метан од нафтената индустрија.

Законот наложува нови продажби на права за нафтени и гасни бушења во Арктикот, чувствителен екосистем кој е дом на поларни мечки и други загрозени видови. Се укинуваат и претходно донесените ограничувања од администрацијата на Бајден за нафтените активности во Националниот резерват на Алјаска.

Истовремено, преку нови даночни олеснувања, рударите на металуршки јаглен добиваат статус сличен на производителите на критични минерали, што може да значи милиони долари субвенции. Исто така, се намалува рударската рента за јаглен од 12,5% на 7%, и се зголемува површината на јавни земјишта отворени за експлоатација.

Иако претседателот Трамп претходно најави брзо надополнување на стратешките резерви на нафта, новиот закон ја намалува сумата за таа намена и ги укинува планираните продажби на дел од резервите.

Поддржувачите на законот тврдат дека се работи за чекор кон економска и енергетска стабилност, но противниците предупредуваат дека овој закон претставува отстапување од глобалните напори за справување со климатската криза.

Како што се приближуваат изборите за американскиот Конгрес, ова законодавно решение може да стане симбол на политичкиот судир меѓу старите и новите визии за енергетската иднина на САД.

Извор: Ројтерс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement