Божиновска и Бислимоски: Превентивни мерки за да избегнеме блек-аут како во Шпанија и Португалија

Атина. 29 април 2025 – По големиот прекин на електричната енергија што во текот на вчерашниот ден ги погоди Шпанија, Португалија и делови од Франција, македонските енергетски власти преземаат активности за да се избегне слично сценарио и во нашата земја. Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, во изјава за МИА од Атина, посочија дека ситуацијата на Пиринејскиот Полуостров е сериозен аларм за цела Европа и дека се работи на воведување конкретни мерки за заштита на стабилноста на македонскиот електроенергетски систем.

Божиновска изјави дека Европа не се соочила со ваков блек-аут од 2003 година, кога беа погодени околу 56 милиони луѓе. Овојпат, неочекувано се случи сериозен прекин на напојувањето во Шпанија и Португалија, а причините сè уште не се официјално утврдени. Таа додаде дека сè повеќе се шпекулира со различни објаснувања – од затворање на нуклеарки, до предоминантна зависност од обновливи извори.

„Има различни коментари, но клучната поука е дека стабилноста на системот мора да биде врвен приоритет,“ рече Божиновска, додавајќи дека нашата земја веќе ги засилува активностите во таа насока.

Advertisement

Одлуката за делумно исклучување на фотоволтаичните централи за време на Велигденските празници, како што велат Божиновска и Бислимоски, е дел од тие мерки. Според нив, тоа било првпат во земјата да се примени ваква интервенција, со цел да се одржи стабилноста на системот во денови со ниска потрошувачка и високо производство од сонце.

Бислимоски појасни дека прекинот во Шпанија се поврзува и со потенцијален редок атмосферски феномен, но и со прекумерната инсталација на непредвидливи обновливи извори. „Како електроинженер, не сум запознат со влијанието на такви феномени, но реалноста е дека ќе се соочуваме сѐ почесто со вакви појави, бидејќи обновливите извори – иако одлични за животната средина – создаваат сериозни технички предизвици за водење на системот,“ истакна тој.

Според него, цела Европа се движи кон „зелено сценарио“, но затворањето на нуклеарни и термоелектрани без адекватни замени со стабилни извори може да ја доведе континенталната енергетска безбедност во ризик. Тој ја нагласи потребата од инвестиции во батериски системи, кои би можеле делумно да го намалат ризикот од испади.

Преносните систем-оператори во цела Европа, вклучително и МЕПСО, веќе почнаа координирани активности. За Македонија, мерката за контролирање на фотоволтаичното производство ќе продолжи и за време на првомајските и летните празници, најверојатно сè до крајот на октомври.

Инаку, во своето излагање на Балканскиот енергетски самит, заменик-министерот за животна средина и енергетика на Грција, Никос Цафос, истакна дека „ниту една земја не е енергетски остров“ и дека случувањата во една држава неминовно имаат влијание и врз другите.

Бислимоски заклучи дека соработката и превентивните мерки се клучни: „Мора да анализираме што точно се случи во Шпанија, за да можеме навреме да реагираме. Целта е да се избегне сценарио во кое целиот систем би се срушил, што би предизвикало штета многу поголема и за државата и за производителите.“

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement