Неготино. 9 јули 2025 – Со симболично вкопување на првиот багер кај Гевгелија, денеска официјално започна изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Грција – најголемата енергетска инвестиција во земјата во последната деценија. Проектот, вреден 60 милиони евра, претставува пресвртница за енергетската стабилност, безбедност и регионална интеграција на земјата.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со оваа инвестиција Македонија од крај на мрежата се преместува во срцето на регионалните енергетски текови, отворајќи ново поглавје во снабдувањето со природен гас.
„Повеќе избори, повеќе стабилност, пониски трошоци – ова е гориво за економијата и безбедност за иднината,“ порача Мицкоски, нагласувајќи дека интерконекторот ќе обезбеди нови извори на гас, пониски цени за граѓаните и повисока конкурентност за компаниите.

На македонска страна ќе се изградат 66,6 километри гасовод со дијаметар од 700 милиметри, а почетниот капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно може да се зголеми до 3 милијарди. Проектот се реализира со поддршка од Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската Унија, а се очекува да биде завршен до 2027 година. Изведувач е македонската компанија „Рапид Билд“, што според претставникот на ЕЦБ, Бјорг Габриел, е доказ за конкурентноста на домашните компании.
Министерката за енергетика Сања Божиновска ја означи изградбата како „ден што ја менува енергетската мапа на Македонија“, додавајќи дека интерконекторот е не само цевка за гас, туку мост кон европските енергетски пазари.

„Ова е симбол на визија, одговорност и посветеност. Македонија веќе не е заложник на енергетска зависност, туку регионален лидер – силна, поврзана и независна,“ изјави Божиновска. Таа најави и скорешно активирање на продуктоводот за дизел и завршување на техничката документација за гасна врска со Србија, што ќе ја заокружи енергетската инфраструктура на земјата.
Американската амбасадорка Ангела Агелер порача дека овој проект, за кој се работело седум години, е „стратешка инвестиција во безбедноста, просперитетот и суверенитетот“ и демонстрација на енергетска независност и зајакнати врски во регионот.
„САД, како најголем производител на течен природен гас, сакаат нашиот гас да се пренесува преку овој гасовод наскоро. Партнерствата со соседите се многу поважни од бирократски маневри,“ рече Агелер.
Слични пораки упатија и евроамбасадорот Михалис Рокас, кој го оцени проектот како „клучна инфраструктура за безбедност, одржливост и конкуренција“, и грчката амбасадорка Софија Филипиду, која го потенцираше значењето на интерконекторот за регионалната енергетска стабилност.
Претставниците од ЕБОР и ЕИБ истакнаа дека поддршката за овој проект е дел од поширока европска стратегија за енергетска диверзификација и транзиција кон почисти извори на енергија.
Проектот е и „hydrogen-ready“, подготвен да поддржи зелени енергетски транзиции, што го прави клучен дел од долгорочната визија за поеколошка Македонија.
Со оваа инвестиција, Македонија се позиционира како важен фактор во европската енергетска мрежа, подготвена за нова фаза на економски раст, енергетска независност и регионална соработка.
Енергетика24