Пресврт во енергетската политика по референдумите од 1987 и 2011 година
Рим. 25 март 2025 – Италија се подготвува да направи значителен пресврт во својата енергетска политика со враќање на нуклеарната енергија до 2030 година.
Минатиот петок, италијанската влада донесе историска одлука со која се поништува антинуклеарната политика во земјата, утврдена со референдумите во 1987 и 2011 година. Целта на овој пресврт е зајакнување на енергетската независност и исполнување на амбициозните климатски цели до 2030 година.
Министерот за животна средина и енергетска безбедност на Италија, Џилберто Пикето Фратин, со цврста увереност ја бранеше одлуката на Советот на министри, потенцирајќи дека не се сомнева дека до 2030 година, Италија ќе има нуклеарна енергија. Тој истакна дека земјата овој пат тргнува по нов пат и ги остава зад себе старите концепти за огромни нуклеарни централи. Според Пикето Фратин Италија се обложувана фузија и новата генерација на фисија, со технологии што ја редефинираат иднината.
Овој чекор е клучен дел од Националниот интегриран план за енергија и клима (Pniec), според кој, до 2050 година нуклеарната енергија треба да обезбедува меѓу 11% и 22% од електричната енергија во земјата. Владата предвидува дека оваа трансформација може да донесе заштеди од неверојатни 17 милијарди евра во трошоците за декарбонизација до средината на векот. Фокусот е ставен на иновативни решенија: мали модуларни реактори (SMR), микрореактори и четврта генерација на фисија, дополнети со инвестиции во нуклеарна фузија – технологија што ветува долгорочна енергетска одржливост.
За да се оствари оваа амбиција, Советот на министри усвои предлог-закон што ќе го проследи до Парламентот на финално одобрување. Министерот Пикето Фратин очекува жестока дебата, но останува оптимист дека законот ќе добие зелено светло до есен или крајот на годината. По одобрувањето, владата ќе има една година да ги изработи законодавните декрети што ќе го регулираат целиот нуклеарен циклус – од истражување и избор на локации до изградба и рециклирање на нуклеарното гориво.

Сепак, иако планот е амбициозен, пред Италија стојат сериозни предизвици. Изборот на локации за централите и управувањето со радиоактивниот отпад остануваат чувствителни прашања. Владата ветува дека ќе изгради централизирано складиште за отпад и ќе ги разгледа можностите за обновување или пренамена на некогашните нуклеарни објекти. За да се обезбеди безбедност и транспарентност, ќе се формира независен регулаторен орган кој ќе го надгледува целиот процес.
Од земја што пред три децении рече „не“ на нуклеарната енергија, Италија сега се позиционира како пионер во модерните енергетски технологии. Овој зафат не само што може да ја трансформира нејзината енергетска иднина, туку и да инспирира други европски држави во борбата против климатските промени.
Извор: Euractiv.it