Хуавеј исфрлен од европското здружение за соларна енергија поради истрага за мито

Брисел. 12 Мај 2025 – Кинескиот технолошки гигант Huawei е исфрлен од членството на SolarPower Europe – водечката лоби група за соларна енергија во Брисел, откако белгиските власти покренаа истрага за наводен поткуп и недозволено влијание врз институциите на Европската Унија.

„Одлуката за исклучување беше донесена на 28 април 2025 година од страна на Управниот одбор,“ соопшти портпарол на SolarPower Europe, посочувајќи дека Huawei е првата компанија што досега е отстранета од здружението. Компанијата, која веќе беше забранета во Европскиот парламент и исклучена од директни средби со Европската комисија, сега претрпува и први последици во енергетскиот сектор.

Истрагата што ја водат белгиските безбедносни служби е дел од поширока акција за проверка на потенцијално странско влијание врз европските институции, особено по скандалот со Катар и Мароко познат како „Катаргејт“. Во март годинава, белгиските власти започнаа истражување за активностите на Huawei во Брисел, вклучително и за можни обиди за купување политичко влијание преку спонзорства, работни групи и наводни контакти со европратеници и службеници.

Advertisement

Според неофицијални извори од истрагата, се разгледува дали Huawei го користел својот статус како „спонзор-член“ на SolarPower Europe за да промовира свои технолошки стандарди и да влијае врз формулирањето на европската енергетска политика.

Инаку, Huawei е глобален лидер во снабдување со „инвертори“ – електронски уреди кои претвораат директна струја од соларни панели во наизменична струја што се користи во електричната мрежа. Според индустриските податоци, компанијата држи околу 33% од пазарниот удел на светско ниво. Во Европа, таа има значително присуство, особено во Германија, Италија и Шпанија, каде што обновливите извори играат клучна улога во енергетскиот микс.

Исклучувањето од SolarPower Europe претставува сериозен удар за Huawei во обидот да остане релевантен чинител во енергетскиот сектор на ЕУ, особено во време кога Унијата се обидува да ги заостри безбедносните и индустриските политики со цел намалување на зависноста од трети земји, особено Кина.

Извор: Euractiv, PV Magazine

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement