Њујорк. 12 март 2025 – Тројно зголемување на нуклеарната енергија до 2050 година e цел што ја поддржуваат технолошките гиганти како Amazon, Google и Meta. Со оглед на се поголемата побарувачка за стабилни и чисти извори на енергија, овие компании инвестираат во развојот на мали нуклеарни реактори. Нивната поддршка може да ги забрза иновациите и инвестициите во нуклеарната енергија како клучен дел од енергетската транзиција.
Компаниите Amazon, Google и Meta Platforms неодамна изразија поддршка за напорите глобалниот капацитет на нуклеарната енергија да се зголеми најмалку трипати до 2050 година, пренесува американскиот медиум CNBC.
Овие технолошки компании потпишаа заложба која првпат беше усвоена во декември 2023 година од повеќе од 20 земји, вклучително и САД, за време на Конференцијата на ОН за климатски промени, а истата доби поддршка и од финансиските институции како Bank of America, Goldman Sachs и Morgan Stanley кои ја поддржаа оваа иницијатива минатата година.
Иако заложбата не е обврзувачка, таа ја нагласува се поголемата поддршка за нуклеарната енергија меѓу водечките индустрии, финансиските институции и владите.
Amazon, Google и Meta стануваат се поважни потрошувачи на енергија во САД, а пред се, поради изградбата на центри за вештачка интелигенција. Всушност, технолошкиот сектор се врти кон нуклеарната енергија откако беше заклучено дека обновливите извори сами по себе нема да можат да обезбедат доволно сигурна енергија за нивните потреби.
Во овој контекст, Amazon и Google во октомври минатата година најавија инвестиции за поддршка на развојот на мали нуклеарни реактори, технологија која се уште е во развојна фаза, но за која индустријата се надева дека ќе ги намали трошоците и ќе ги скрати роковите за изградба на нови реактори во САД.
Истовремено, компанијата Meta во декември минатата година објави повик до нуклеарните компании да поднесат предлози за додавање до 4 гигавати нова нуклеарна енергија во САД. Ова ја истакнува растечката заинтересираност на водечките технолошки компании за извори на енергија со ниски емисии на јаглерод диоксид со цел поддршка на растечките компјутерски потреби.
Инаку, голем број експерти сметаат дека нуклеарната енергија е клучна за постигнување на целите за декарбонизација, бидејќи обезбедува стабилен и континуиран извор на електрична енергија. За разлика од сончевата и ветерната енергија, кои зависат од временските услови, нуклеарните електрани можат да работат 24 часа дневно, обезбедувајќи стабилност на енергетските мрежи.
Се поголемото ослонување на технолошките компании на нуклеарната енергија може значително да придонесе за забрзување на инвестициите во оваа индустрија. Експертите сметаат дека поддршката од глобалните корпорации ќе помогне во намалување на регулаторните бариери, забрзување на развојот на нови технологии и зголемување на финансирањето на истражувањата и имплементацијата на напредните нуклеарни реактори.
Извор: CNBC