Берлин. 24 март 2025 – Според извори на бриселскиот портал Euractiv, кој имал увид во коалицискиот договор меѓу германските Демохристијаните (CDU/CSU) и Социјалдемократите (SPD), идната германска влада, подготвува план за затворање на термоелектраните на лигнит, но темпото ќе зависи од тоа колку брзо гасните електрани ќе можат да ја заземат нивната улога во мрежата.
„Ние цврсто стоиме зад планот за постепено напуштање на лигнитот до 2038 година“, се вели во нацртот што излезе во јавност во вторникот. Ова е чекор назад од амбицијата на досегашната коалиција меѓу SPD, Зелените и Слободните демократи, која целеше кон целосен излез од јагленот и лигнитот уште до 2030 година – цел што сега изгледа дека повеќе не е актуелна.
Покрај ова, Демохристијаните го оживуваат и стариот сон за враќање на нуклеарната енергија, која според документот би можела да игра „клучна улога“ во иднина, особено преку технологиите како мали модуларни реактори (SMR) и фузиони реактори. Во спротивност со првичните договори и предизборните ветувања, демонтажата на веќе затворените нуклеарни централи сега ќе биде „итно стопирана“. Специјална комисија ќе испита дали тие можат повторно да се активираат, што сигнализира навистина смел пресврт во германската енергетска политика.
Euractiv посочува дека една реченица од документот особено привлекува внимание: „Компаниите ќе инвестираат во климатски технологии само кога економијата ќе застане на здрави нозе и ќе почне забележливо да расте“. Ова може да значи дека државните субвенции за декарбонизација на тешката индустрија, позната по високите емисии, ќе паднат во втор план, барем засега.
Исто така, судбината на Законот за енергетика на зградите, попознат како „Закон за греење“, останува нејасна. Документот испраќа двојни сигнали: од една страна, ветува „укинување на законот“, директно цитирајќи го манифестот на десниот центар. Од друга, се најавуваат измени за да се направи регулативата „технолошки поотворена, флексибилна и едноставна“, со продолжување на „сигурна и правична“ финансиска поддршка. Овие противречности укажуваат дека текстот е сè уште нацрт, а законот од 2023 година би можел да стане жариште на коалициските преговори.

Механизмот „Клим агелд“, кој требаше да ги прераспредели приходите од цените на јаглеродот кон посиромашните домаќинства погодени од енергетската транзиција, целосно исчезна од документот. Иако беше ветен во договорот на старата коалиција од 2021 година, тој никогаш не заживеа. Пред неколку дена, Андреас Јунг од CDU изјави дека темата е „затворена“, и покрај тоа што идниот канцелар Фридрих Мерц ја промовираше во кампањата. Наместо тоа, коалицијата се свртува кон Социјалниот климатски фонд на ЕУ, кој од 2027 година треба да ги ублажи последиците од новиот систем за трговија со емисии (ETS2).
Меѓу останатото, документот не споменува цели за користење на земјиштето или мерки за ублажување на климатските промени. Коалицијата се откажа од воведување цена на CO2 во земјоделството, усогласувајќи се со ставот на еврокомесарот Кристоф Хансен, но не и со климатските експерти на ЕУ. Од друга страна, постројките за биогас добиваат зелено светло – се планира укинување на постојните ограничувања, што е пресврт од политиката на претходната влада, која го намалуваше значењето на биоенергијата.
Новата коалиција ја поставува Германија на раскрсница меѓу економска прагматичност и климатски амбиции. Додека преговорите течат, енергетската иднина на земјата останува обвиткана со неизвесност – и многу потенцијал.
Извор: Euractiv