Фајненшл Тајмс: Криза во најголемата италијанска рафинерија поради спор меѓу грчки милијардер и Трафигура

Oil refinery plant from industry zone, Aerial view oil and gas petrochemical industrial, Refinery factory oil storage tank and pipeline steel at night, Ecosystem and healthy environment.

Лондон. 14 април 2025 – Весникот Фајненшл Тајмс известува дека најголемата италијанска рафинерија ИСАБ, која е лоцирана во Приоло, Сицилија, a продадена од страна на руската Лукоил по воведувањето на ЕУ санкциитe против Русија, се наоѓа во криза поради конфликт меѓу грчкиот милијардер Џорџ Економоу, мнозински инвеститор, и трговскиот гигант Трафигура околу условите на договорот за снабдување со сурова нафта.

Според информациите на весникот, рафинеријата, која обезбедува една петтина од италијанскиот капацитет за рафинирање и поддржува околу 9.500 работни места, е загрозена од внатрешните несогласувања и тешки пазарни услови.

Advertisement

Фајненшл Тајмс објаснува дека рафинеријата беше купена во 2023 година од страна на компанијата ГОИ Енерџи, поддржана од Трафигура, во зделка посредувана од француско-израелскиот магнат Бени Штајнмец. Документи до кои весникот имал увид откриваат дека Економоу, чија компанија ТМС Танкерс беше клучен транспортер на руска нафта по инвазијата на Украина во 2022 година, е главниот инвеститор во фондот Аргус, кој го контролира ГОИ. Сепак, односите меѓу Економоу, Штајнмец и поранешниот извршен директор на Трафигура, Мајкл Бобров, се влошиле поради спорови околу 10-годишниот договор за снабдување и маркетинг со Трафигура.

Според извори запознаени со ситуацијата, цитирани од Фајненшл Тајмс, Економоу тврди дека договорот е преповолен за Трафигура, овозможувајќи ѝ профит додека рафинеријата работи со загуба. Трафигура, пак, информира дека ИСАБ бара значителни инвестиции за модернизација поради зголемените трошоци за гас и јаглеродни кредити, кои ги оптоваруваат маржите на рафинериите низ Европа.

Фајненшл Тајмс јавува дека кризата предизвикала критики кон италијанската влада, која ја одобрила продажбата на ГОИ и покрај недостатокот на искуство на инвеститорите во управување со рафинерии. Алан Гелдер од Вуд Мекензи за весникот изјавил дека владата требало да избере друг купувач, нагласувајќи ја потребата од финансиски стабилен инвеститор за капитално интензивни бизниси како рафинериите.

Весникот образложува дека ГОИ поднела барање за реструктуирање преку вонсудско „преговарачко решавање на деловна криза“, а Економоу се надева дека ќе го преговара или поништи договорот со Трафигура. Разговорите за продажба на рафинеријата, според извори, се отежнати токму поради овој договор. Фајненшл Тајмс додава дека зделката, вредна околу 180 милиони евра, била значително повисока од конкурентската понуда на Витол и Кросбриџ од 55 милиони евра, а Трафигура обезбедила работен капитал и платила 30 милиони евра однапред за снабдување и продажба на рафинирани производи.

Според документи до кои имал пристап весникот, Економоу, кој сега контролира 99% од ГОИ преку сложена фонд-структура, ја презел контролата откако го конвертирал заемот во акции, разводнувајќи ги останатите акционери. Фајненшл Тајмс истакнува дека италијанската влада ја одобрила зделката под „златното правило“ за стратешки средства, уверена од учеството на Трафигура и ветувањата на ГОИ за зачувување на работните места и производството.

Фајненшл Тајмс заклучува дека кризата во ИСАБ ја загрозува нејзината иднина и локалната економија, додека италијанската влада и инвеститорите бараат начини да обезбедат одржливост на овој клучен енергетски објект.

Извор: Фајненшл Тајмс

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement