Брисел, 23 мај 2025 – Европската комисија одобри скоро милијарда евра за поддршка на развојот на обновлив водород, преку избор на 15 проекти за производство во рамки на Европската економска област. Овие проекти ќе се спроведуваат во Шпанија, Германија, Финска, Холандија и Норвешка, и се очекува да произведат речиси 2,2 милиони тони обновлив водород во наредната деценија, со што ќе се избегне емисија на над 15 милиони тони јаглерод диоксид.
Проектите се фокусираат на клучни индустрии како транспортот, хемиската индустрија, како и производството на метанол и амонијак. Финансирањето, во износ од 992 милиони евра, доаѓа преку Фондот за иновации на ЕУ, финансиран од Системот за тргување со емисии.
Избраните иницијативи се дел од втората аукција на Европската водородна банка, чии субвенции имаат за цел да ја намалат разликата меѓу трошоците за производство и пазарната цена на водородот. Од вкупно 15 проекти, 12 ќе добијат фиксен износ од 0,20 до 0,60 евра по килограм произведен водород. Дел од средствата, односно 96,7 милиони евра, се насочени кон проекти во поморскиот сектор.
Субвенциите за проектите се движат од 8 до 246 милиони евра и ќе се исплаќаат во период до десет години.
Рибера: Водородот е клучен за климатска неутралност
Тереса Рибера, потпретседателка за чиста, праведна и конкурентна транзиција, изјави дека втората аукција потврдува дека Европа сериозно вложува во создавање на силен пазар за обновлив водород, суштински елемент во борбата против климатските промени и зајакнување на енергетската независност на ЕУ.
Покрај европското финансирање, Шпанија, Литванија и Австрија ќе распределат дополнителни 836 милиони евра од национални средства преку механизмот „аукција како услуга“. Овој модел им овозможува на државите да поддржат проекти што ги исполнуваат европските критериуми, но не добиле средства поради буџетски ограничувања.
Еврокомесарот за климатска акција, Вопке Хоекстра, нагласи дека резултатите од аукцијата покажуваат силен интерес од индустријата и зголемена конкурентност на чистиот водород во Европа.
Извор: Европска комисија