Даниел Јергин за Barrons.com: Стабилноста на нафтените пазари по нападите врз Иран е доказ за новата глобална енергетска рамнотежа

Њујорк. 28 јуни 2025 – И покрај неодамнешните напади на САД и Израел врз иранските нуклеарни капацитети и растечките тензии на Блискиот Исток, глобалните пазари на нафта остануваат изненадувачки стабилни. Ова, според Даниел Јергин, еден од водечките светски енергетски аналитичари и потпретседател на S&P Global, е одраз на длабоки промени во светскиот енергетски поредок.

Во интервју за реномираниот американски финансиски портал Barrons.com, Јергин објаснува дека цената на Брент суровата нафта се движи околу 66 долари за барел, речиси идентична на нивото пред израелските напади врз Иран од средината на јуни.

„Пазарот ни порачува дека не се очекува сериозен прекин во снабдувањето, што имплицира дека примирјето ќе опстане“, вели Јергин. Сепак, тој предупредува дека „дали кризата е навистина завршена, ќе покаже само развојот на настаните“.

Реклама

Според него, ризичната премија вградена во цените за време на кризата била релативно ограничена, бидејќи не се случи значаен прекин на испораките од Персискиот Залив.

Јергин очекува цените на нафтата да се стабилизираат во понискиот опсег од 55 до 70 долари за барел, за разлика од минатогодишниот опсег од 70 до 85 долари. Тој отфрли шпекулациите дека цената може да падне до 40 долари, но предупреди дека последниот квартал од 2025 година би можел да донесе дополнителен притисок врз цените.

Голем удел во движењето на цените имаат и одлуките на ОПЕК+, особено на земјите од Персискиот Залив, кои веќе почнаа со зголемување на производството. „Тие одлучија дека е време да ја вратат нафтата која ја држеа надвор од пазарот, прифаќајќи ги ценовните последици со цел да си го вратат пазарниот удел“, истакнува Јергин.

На прашањето дали постои ризик од иранска одмазда врз арапската инфраструктура, Јергин вели дека тоа е малку веројатно поради актуелната регионална детанта. „Не е рационално за Иран да ги напаѓа арапските држави, особено бидејќи последните месеци се забележува намалување на тензиите меѓу Иран и заливските држави“, вели тој.

Иранската економска зависност од извозот преку Ормускиот Теснец е дополнителен фактор што го намалува ризикот од ескалација. „Секој прекин на транспортот низ теснецот би имал сериозни последици и за самиот Иран“, предупредува Јергин, потсетувајќи дека Кина – најголемиот купувач на иранска нафта – нема интерес од таков развој.

Американските производители и инвестициите

Јергин предупредува дека американските производители на нафта од шкрилци, кои се под постојан притисок да враќаат средства на инвеститорите, ќе бидат приморани да ги намалат капиталните вложувања доколку цените останат во опсегот од 50-ина долари. „Во вакво ценовно опкружување, веројатно ќе видиме намалување на производството на шкрилци веќе следната година“, додава тој.

Во однос на глобалната енергетска транзиција, Јергин е скептичен кон претходно промовираните сценарија за брзо достигнување на нето-нула емисии до 2050 година.

„Транзицијата ќе биде побавна, поскапа и нема да биде линеарна“, вели тој, додавајќи дека таа ќе се одвива со различно темпо во различни региони и со различни технолошки решенија. Како еден од главните трендови тој ја посочува експанзијата на природниот гас и драматичното зголемување на побарувачката за електрична енергија, предизвикана од растот на дата-центрите и вештачката интелигенција.

Јергин нагласува дека новата стабилност на пазарите е резултат и на зголеменото производство од САД. „Фактот што САД се најголем производител на нафта и најголем извозник на течен природен гас, го промени и физичкиот и психолошкиот баланс на глобалниот пазар“, вели тој.

Според него, растот на производството во Канада, Бразил и Гвајана дополнително ја менува глобалната слика, создавајќи нови предизвици за традиционалните големи производители како Русија.

Извор: Barrons.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement