Бугарија сака инвеститори, не купувачи, за стратешкиот гасовод

Софија. 14 мај 2025 – Лидерот на бугарската партија ГЕРБ, Бојко Борисов, ги отфрли тврдењата дека Бугарија води преговори за продажба на гасоводот „Балкански поток“ на американски хеџ-фонд. Според него, не станува збор за продажба на клучната енергетска инфраструктура на земјата, туку за потенцијално вклучување на странски инвеститори со цел проширување на капацитетите и засилување на енергетскиот сектор.

„Продажба – не. Но влез на моќни инвеститори од рангот на Elliott Investment Management или Rheinmetall би бил исклучително позитивен чекор за бугарската енергетика“, изјави Борисов во одговор на новинарско прашање на агенцијата БГНЕС.

Борисов додаде дека фокусот треба да биде на зајакнување на економските капацитети преку нови инвестиции и развој на индустријата, поврзувајќи го тоа со поширокиот глобален контекст, вклучувајќи ги настаните во Саудиска Арабија, посетите на Доналд Трамп, како и претстојните меѓународни состаноци во Истанбул.

Реклама

Коментарите на Борисов следуваат по медиумските извештаи, вклучително и написот на „Wall Street Journal“, дека американскиот инвестициски фонд Elliott Investment Management, кој е поврзан со претседателот Трамп, изразил интерес за купување инфраструктурни активи во Бугарија, вклучително и „Балкански поток“.

Овој гасовод претставува продолжение на „Турски поток“ и моментално е единствениот оперативен правец за транспорт на руски гас кон Европската унија. Во 2022 година, приходите од „Балкански поток“ достигнаа 375,88 милиони лева, додека оперативната добивка реализирана преку компанијата „Булгартрансгаз“ изнесуваше 261,93 милиони лева.

Гасоводот се состои од две линии, секоја со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри. Првата ја снабдува директно Турција, а втората е наменета за земјите од Европа и Западен Балкан, влегувајќи во ЕУ преку бугарска територија.

Борисов подвлече дека актуелниот приоритет на бугарската влада треба да биде економскиот раст преку создавање нови работни места, фабрики и индустриски капацитети. Според него, наместо приватизација, Бугарија треба да привлекува странски партнери кои ќе инвестираат во модернизација и проширување на постојната енергетска инфраструктура.

Извор: БГНЕС

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement