Брисел со план за целосно енергетско одвојување од Русија до 2027

Брисел, 06 мај 2025 – Европската комисија денеска ја претстави новата патоказна стратегија на REPowerEU, со која се најавува целосно прекинување на зависноста од руската енергија – вклучително и природен гас, нафта и нуклеарна енергија. Целта е да се обезбеди сигурна, стабилна и достапна енергија за сите земји-членки на ЕУ, додека трае и се продлабочува енергетската транзиција.

И покрај значителниот напредок постигнат од 2022 година наваму, годинава е забележан повторен пораст на увозот на руски гас во ЕУ. Енергетската зависност сè уште претставува безбедносна закана, поради што Комисијата иницира координиран и постепен прекин на сите енергетски врски со Русија.

„Војната во Украина брутално ги разоткри ризиците од уцени, економска присила и ценовни шокови,“ изјави претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен. „Сега е време Европа целосно да ги прекине енергетските врски со непредвидливиот снабдувач – Русија.“

Advertisement

Според новата стратегија, до крајот на 2025 година ќе престане секое ново склучување договори за руски гас, вклучително и за течен природен гас (LNG), а ќе се укинат и постоечките договори од „спот“ тип. До крајот на 2027 година, Комисијата ќе предложи целосен прекин на преостанатите испораки на руски гас.

Нуклеарната енергија исто така влегува во фокусот: се подготвуваат мерки за ограничување на увозот на збогатен ураниум и нови договори за руски нуклеарен материјал, како и создавање на европска иницијатива за медицински радиоизотопи за зајакнување на домашното производство.

Во делот на гасот, планот предвидува замена на дури 100 милијарди кубни метри природен гас до 2030 година, преку зајакната транзиција и зголемено користење на обновливи извори. До 2028 година, се очекува LNG капацитетите на глобално ниво да пораснат за 200 милијарди кубни метри, што е петкратно повеќе од сегашниот увоз на руски гас во ЕУ.

До крајот на годината, земјите-членки ќе треба да достават свои национални планови за укинување на рускиот гас, нафта и нуклеарна енергија, како дел од координираниот пристап на Унијата.

Новата патоказна стратегија е дел од поширокиот пакет за енергетска транзиција, кој вклучува и план за достапна енергија и Иницијативата за чиста индустрија. Со тоа ЕУ не само што ја зајакнува својата безбедност и стабилност, туку и ги забрзува чекорите кон декарбонизација и економска одржливост.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement