Скопје. 27 април 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во интервју за порталот „Фактор“ се осврнува на новиот Закон за енергетика за кој вели дека, претставува историски чекор за енергетскиот сектор на Македонија, овозможувајќи изградба на модерен, безбеден и фер систем, целосно усогласен со европските стандарди.
„Овој закон не е само исполнување на обврски кон Европската Унија, туку системска рамка за создавање на транспарентен, недискриминаторен и ефикасен енергетски сектор“, нагласува Божиновска, додавајќи дека законот воведува јасни насоки за декарбонизација, дигитализација и децентрализација на енергетиката во земјава.
Понатаму, министерката образложува дека, законот, кој бил подготвуван повеќе од шест месеци, се темели на принципите на Енергетската заедница и ги транспонира најголемиот дел од директивите и регулативите на Европската Унија. Според Божиновска, ваквиот пристап не само што го отвора патот кон интеграција во европскиот енергетски пазар, туку ги решава долгогодишните слабости во македонското законодавство.
„Ова е домашно, прецизно и амбициозно законско решение, создадено за реалните потреби на нашиот енергетски систем, без ангажирање на странски консултанти“, потенцираше министерката.
Во интервјуто, министерката Божиновска вели дека меѓу најважните новини кои ги носи законот се воведувањето на Номиниран оператор на организираниот пазар (НЕМO), што ќе овозможи поврзување на македонскиот енергетски пазар со регионалните берзи и создавање реална конкуренција. Дополнително, секој потрошувач ќе добие право на слободен избор на снабдувач со електрична енергија.
„Со ова го отвораме патот за поголема транспарентност, поголема конкуренција и на долг рок – пониски трошоци за граѓаните“, истакна Божиновска.
Истовремено, министерката подвлекува дека, за првпат е системски воведена заштита на ранливите потрошувачи и борба против енергетската сиромаштија преку јасни дефиниции, методологии за идентификација и обврски за континуирана заштита.
Покрај останатото, законот воведува и правна рамка за складирање енергија, вклучувајќи батериски системи, како предуслов за поголема интеграција на обновливи извори на енергија. Посебен акцент е ставен и на поддршката за електромобилноста преку развој на инфраструктура за полнење електрични возила.
Говорејќи околу изработката на законот, Божиновска констатира дека процесот бил еден од најинклузивните досега, со над 14 јавни работни состаноци во кои учествувале експерти, институции, граѓански организации и бизнис-секторот.
„Законот не е документ подготвен во канцеларија, туку резултат на заеднички напор и стручна дебата. Веруваме дека само вака ќе обезбедиме негова успешна примена на терен“, изјави Божиновска.
Сепак, и покрај ентузијазмот околу новиот Закон, министерката, во интервјуто предупредува на потенцијалните предизвици во неговата имплементација. Притоа, како клучни фактори ги наведува потребата од институционални капацитети, брза адаптација на енергетските компании и снабдувачи, но и континуираната едукација на граѓаните за новите концепти, како активните потрошувачи и енергетските задруги.
„Секоја транзиција носи предизвици, но со јасен план, силна волја и поддршка од меѓународните партнери, овие предизвици можат да се претворат во вистински можности за напредок“, нагласи министерката.
На крајот, во интервјуто Божиновска порачува дека законот е еден од клучните столбови за идната енергетска транзиција на државата:
„Со овој закон поставуваме темели за постепено напуштање на фосилните горива, дигитализација на мрежата и активно учество на граѓаните во производството и потрошувачката на енергија. Тоа е визија за модерна, зелена и праведна енергетика“, заклучи таа.
Законот наскоро ќе влезе во собраниска процедура, каде се очекува широка поддршка за негово усвојување.
Енергетика 24