Лондон. 8 јули 2025 – Четиринаесет години по катастрофата во Фукушима, Јапонија официјално се враќа на нуклеарната енергија како клучен дел од нејзината енергетска стратегија. Во време на глобална енергетска несигурност, растечки цени на гасот и зголемена потрошувачка на електрична енергија од дата-центри, токму нуклеарната енергија повторно станува приоритет за втората најголема економија во Азија.
Од 54 реактори кои беа затворени по несреќата во 2011 година, досега се реактивирани 14, со планови процесот да продолжи до 2030 година. Новата енергетска стратегија, ревидирана во февруари годинава, предвидува зголемување на уделот на нуклеарната енергија од сегашните 8,5% на 20% до 2040 година. Ова е дел од поширока цел да се намали зависноста од фосилни горива – кои сочинуваа речиси 70% од енергетскиот микс во 2023 – на околу 30 до 40% во наредните 15 години.
Професорот Казуто Сузуки од Универзитетот во Токио посочува дека во следните пет години се очекува повеќето постојни реактори да бидат повторно во функција, отворајќи простор за развој на нови, побезбедни технологии како малите модуларни реактори (SMRs). Тој смета дека во иднина тие ќе играат клучна улога во стабилното и декарбонизирано енергетско снабдување.
Сепак, социјалната поддршка за нуклеарната енергија во Јапонија останува скромна. Противењето на локалните заедници, особено во области како Кашивазаки-Карива – дом на најголемата нуклеарна централа во светот – го забавува процесот на рестартирање. Јапонската адвокатска фела исто така го критикува новиот пристап, предупредувајќи дека државата го игнорира долгорочното влијание на Фукушима и ги потценува ризиците од нуклеарната енергија.
И покрај отпорот дома, јапонските компании како Chubu Electric и IHI активно инвестираат во развој на SMR технологии во странство. Според извршниот директор на Chubu, Хироки Сато, новите технологии ќе се појават во Јапонија дури по 2040 година, откако ќе се докажат во други земји. Во меѓувреме, Јапонија гледа стратешки интерес во вложувања во глобалниот синџир на снабдување, особено во конкуренција со Русија и Кина, чии дизајни доминираат во тековната изградба на нови нуклеарни капацитети.
За поддржувачите, иднината е во технологиите како SMRs, кои ветуваат побрза изградба, пониски трошоци и помал ризик од катастрофи како Фукушима. „Ова е реална алтернатива што мора да им се покаже на луѓето,“ вели Сато, потенцирајќи ја потребата од доверба, транспарентност и меѓународна соработка.
Со оглед на глобалните енергетски предизвици, јапонската влада останува решена да ја ревитализира нуклеарната енергија – внимателно балансирајќи меѓу технолошките иновации, јавната перцепција и долгорочните климатски цели.
Извор: The Financial Times