Вашингтон. 7 јули 2025 – Во последната деценија, потрошувачката на енергија во САД остана речиси непроменета, благодарение на зголемените напори за енергетска ефикасност. Но, новата енергетска глад доаѓа со вештачката интелигенција (AI), чија експанзија може да го трансформира енергетскиот пејзаж. Според некои проценки, до 2030 година, само дата-центрите ќе трошат онолку електрична енергија колку цела Јапонија денес.
Покрај интензивниот развој на AI и сè поголемите инвестиции во нови алгоритми и пресметковни технологии, во позадина стои проблем кој полека се претвора во криза: електричната мрежа во САД не расте со исто темпо. Иако инвеститорите се подготвени да го финасираат следниот голем AI пробив, изградбата на нови енергетски капацитети и модернизацијата на мрежата се одвиваат бавно, велат експертите од Центарот за стратегиски и меѓународни студии.
„Сето тоа може да го успори развојот на АИ токму во моментот кога технологијата е подготвена за лет,“ предупредуваат од истражувачкиот центар Wadhwani AI.
Јавноста е сè уште неодлучна кога станува збор за вештачката интелигенција. Според истражување на Fox News, 47% од испитаниците сметаат дека АИ е лоша за општеството, додека 43% ја гледаат како позитивна технологија. Податоците покажуваат поделеност според возраст, раса, пол и место на живеење – младите, мажите, урбаните и не-белите граѓани генерално имаат попозитивен став, додека повозрасните, жените и руралните заедници се поскептични. Интересно, иако републиканците се најотворени кон АИ, ниту една политичка групација нема над 50% поддршка.
Претседателот на Microsoft, Бред Смит, смета дека ваквата мешавина на надеж и страв е нормална: „Сите ние веќе користиме АИ – иако не сме секогаш свесни за тоа.“
Со оглед на енергетските потреби, големите технолошки компании гледаат решение во стабилниот, беземисионен и високо ефикасен извор – нуклеарната енергија. Microsoft веќе склучи долгорочен договор со компанијата Constellation за повторно активирање на нуклеарната централа Three Mile Island, сега преименувана во Crane Energy Center. Станува збор за објект кој беше симбол на нуклеарна несреќа во 1979 година, кога се случи делумен топлотен колапс на реакторот. Иако немаше сериозни здравствени последици, настанот го промени односот на јавноста кон нуклеарната енергија.
Сега, новото партнерство предвидува реакторот да се рестартира до 2027 година и да генерира над 800 мегавати, доволно за повеќе од 800.000 домаќинства.
„Има смисла компанија за струја да вложи повторно во ваков објект ако има сигурен купувач,“ вели Смит. „Нашата филозофија е да вратиме на мрежата онолку енергија колку што ќе потрошиме – или повеќе – без влијание врз цените за локалното население.“
Покрај Microsoft, Constellation склучи договор и со Meta за продолжување на лиценцата на Clinton Clean Energy Center во Илиноис за уште 20 години. Meta планира да додаде до 4 гигавати нуклеарна енергија низ САД во текот на следната деценија. Amazon ќе изгради два дата-центри во Пенсилванија, напојувани од речиси 2 гигавати од нуклеарната централа на Talen Energy. Google, пак, се здружи со Elementl Power за три нови проекти, секој со капацитет од 600 мегавати.
„Ова е новата реалност – нуклеарките се враќаат. Тоа е брилијантна индустрија,“ изјави претседателот Доналд Трамп, потпишувајќи неколку извршни наредби во мај за четирикратно зголемување на домашното нуклеарно производство во наредните 25 години.
Инаку, според Дејвид Сакс, новиот “цар” за АИ и криптовалути во Белата куќа и основач на Craft Ventures, енергетската доминација е клучна ако САД сакаат да победат во глобалната АИ трка.
„Новите дата-центри се гладни за струја, а нашата електрична мрежа речиси и да не порасна последната деценија. Во меѓувреме, Кина ја удвои својата мрежа,“ рече Сакс. „Мораме да градиме и да инвестираме. Повеќе дата-центри, повеќе компјутерска моќ и повеќе енергија.“
И додека јавноста се колеба, технолошките гиганти веќе го прават следниот чекор. Новата симбиоза меѓу АИ и нуклеарната енергија ја редефинира иднината на индустријата и претставува мост меѓу дигиталната револуција и енергетската одржливост. Во трката за технолошка доминација, оние кои ќе обезбедат доволно енергија – ќе водат.
Извор: FoxNews.com