Скопје. 4 јули 2025 – На 27 јуни во Белград беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Јавното претпријатие „Србијагас“ од Нови Сад и акционерското друштво „Номагас“ АД Скопје. Документот, кој го поставува темелот за идната билатерална соработка, го потпишаа генералните директори на двете компании, Душан Бајатовиќ и Мухамет Елмази.
Меморандумот претставува продолжение на политичката волја изразена во претходниот документ за разбирање и соработка во областа на гасот, потпишан во октомври 2024 година во Скопје од страна на ресорните министерства на Македонија и Србија. Посебен акцент е ставен на поврзувањето на енергетските пазари, зајакнувањето на сигурноста на снабдувањето со природен гас и диверзификацијата на правците на снабдување.
„Овој стратешки проект, од особено значење за двете држави, ќе придонесе за зајакнување на енергетската безбедност во регионот, унапредување на енергетската транзиција, поефикасно балансирање на понудата и побарувачката на гас, како и интеграција на регионалните гасни пазари“, изјави директорот Елмази.
Со потпишувањето на меморандумот, „Србијагас“ и „Номагас“ ја потврдуваат својата заложба во најкус можен рок да ја започнат изградбата на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија. Двете страни ја потенцираат важноста на меѓусебната поддршка во развојот на овој проект, кој има за цел зголемување на сигурноста на снабдувањето, подобро балансирање на пазарот и олеснување на прекуграничните транспортни операции.
Како што информира Елмази, интерконекторот ќе ги поврзе националните системи за пренос на природен гас на двете држави преку гасовод во должина од приближно 70 километри – 47 километри на територијата на Србија и 23 километри на македонска територија. Поврзувањето ќе се реализира меѓу градовите Клечовце и Врање, при што е предвидена изградба на главна мерна станица во Македонија и контролна мерна станица во Србија.
Планираниот интерконектор ќе овозможи двонасочен проток на природен гас со капацитет од 1,5 милијарди кубни метри годишно. Студијата за изводливост, која ќе го определи техничко-економскиот потенцијал на проектот, е во фаза на подготовка и е поддржана од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Идниот интерконектор ќе биде со пречник од 500 мм и ќе работи под номинален притисок од 55 бари.
„Со потпишувањето на овој документ, двете страни ја изразуваат својата посветеност за продлабочување на енергетската соработка во Југоисточна Европа и за воспоставување на интегриран регионален енергетски пазар, како дел од внатрешниот пазар на Европската Унија“, додаде директорот Елмази.
Извор: НОМАГАС