Холи Јанг
Војната меѓу Израел и Иран е најновата во серија геополитички кризи што го доведуваат во прашање пристапот до фосилни горива. Дали обновливите извори на енергија се посигурна опција во време на несигурност?
Иако во моментов владее кревко примирје меѓу Иран и Израел, ескалацијата на конфликтот во изминатите недели повторно ја стави енергетската безбедност во фокусот на светската јавност.
Како одговор на американските напади врз нејзините нуклеарни објекти, Иран се закани дека ќе го затвори Ормускиот Теснец, клучна транспортна рута за светските енергетски ресурси.
Таков потег би можел да го наруши пристапот до фосилни горива за бројни земји и да предизвика енормен раст на цените на енергијата. Преку овој тесен премин, кој го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив, поминуваат околу 20% од светскиот течен природен гас и речиси 27% од суровата нафта.
Сѐ повеќе се наметнува ставот дека енергетскиот премин од фосилни горива кон обновливи извори е клучен не само за климатските цели, туку и за обезбедување на стабилна и независна енергетска иднина.
Што претставува енергетска безбедност и зошто е важна?
Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), енергетската безбедност значи континуиран и сигурен пристап до енергија по прифатлива цена.
Енергијата е столб на современите економии, неопходна за индустријата, транспортот, комуникацијата, образованието, земјоделството и здравството.
Секоја поголема пречка во снабдувањето може да го забави индустрискиот развој, да ги загрози јавните услуги и дури и да ја ослаби националната безбедност преку влијание врз воените операции.
Во 1970-тите, прекините во извозот на нафта доведоа до драстичен раст на цените и долги редици на бензинските пумпи, потресувајќи ја глобалната економија. Понов пример е енергетската криза по руската инвазија на Украина во 2022 година, кога Европа се соочи со сопствената зависност од увоз на руски гас.
Дали обновливите извори се постабилни од фосилните горива?
Последниот конфликт меѓу Иран и Израел уште еднаш ја потенцираше глобалната зависност од увоз на нафта, според истражувањата на британскиот тинк-тенк Ember.
Нивната анализа на податоци од IEA покажува дека 79% од светската популација живее во земји увознички на нафта, а 62 земји ја увезуваат целата своја нафта. Дури 90 држави, вклучително Шпанија, Јужна Кореја, Германија, Турција и Индија, зависат од увоз за над 80% од своите потреби.
Во услови на растечка нестабилност во глобалната трговија и геополитички тензии, таквата зависност носи големи ризици за енергетската безбедност.
Секое пореметување на пазарот на фосилни горива создава ценовни шокови за сите зависни држави.
Наспроти тоа, обновливите извори можат да понудат стабилна и безбедна алтернатива. Тие овозможуваат производство на електрична енергија во рамки на самата држава или во блиски соседства, намалувајќи го ризикот од надворешни влијанија и осцилации во цените.
Диверзификацијата на енергетските извори е клучна компонента на еден отпорен енергетски систем.
Домашното е најсигурно – и кога станува збор за енергија
Истражување на Меѓународниот монетарен фонд покажува дека многу производители на фосилни горива станале политички поризични и се помалку демократски изминативе децении.
„Колку повеќе имаме сопствени, домашни извори на енергија, толку подобро“, изјави Фатих Бирол, извршен директор на IEA, истакнувајќи ја потребата да не се зависи од една земја, една трговска рута или една компанија.
Тој нагласи дека токму енергетската безбедност е сѐ поважен двигател за преминот кон чиста енергија.
„Колку што нашата зависност од фосилни горива опаѓа, толку нашата енергетска безбедност расте. Тоа е лекцијата што ја научивме во Европа“, рече претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на самит за иднината на енергетската безбедност во април.
Таа додаде дека како одговор на кризата по руската инвазија, Европа го забрзала развојот на „домашна обновлива енергија“, која сега учествува со 47% во електричниот енергетски микс.
Дали транзицијата кон чиста енергија носи и нови ризици?
Според Ember, патот до поголема енергетска безбедност вклучува префрлување на локализирани обновливи извори, но и проширување на електрификацијата – приод што веќе го применува Кина.
Тие проценуваат дека глобалниот увоз на фосилни горива може да се намали за 70% со зголемување на бројот на електрични возила, топлински пумпи и обновливи извори.
Само електричните возила можат да заменат околу 33% од увозот на нафта, а ветерната и сончевата енергија – дополнителни 23%.
Ember исто така наведува дека 92% од светската популација може да ги задоволи своите енергетски потреби десеткратно со обновливи извори.
Сепак, транзицијата кон зелена енергија носи и одредени предизвици.
Во април, голем прекин на струја во Шпанија и делови од Португалија отвори прашања околу стабилноста на обновливите извори како соларната и ветерната енергија, кои зависат од временските услови.
Но, властите подоцна објавија дека причината биле технички пропусти и лошо планирање – без докази дека високото учество на обновлива енергија било фактор.
Што се однесува до можната нестабилност на обновливите извори, ММФ вели дека веќе постојат напредни решенија за создавање пофлексибилен електроенергетски систем, како што се инвестиции во мрежна инфраструктура и складирање на енергија.
Постојат и грижи дека транзицијата кон чиста енергија може да доведе до нови увозни зависности, овојпат за метали и минерали потребни за изградба на обновлива инфраструктура.
Но, експертите појаснуваат дека недостигот од овие материјали нема да предизвика енергетска криза како кај фосилните горива, бидејќи тие се потребни само за изградба, а не за тековно производство на енергија.
Истражувањата откриваат и сериозно загадување на животната средина околу рудниците за метали како никелот, клучна компонента за батерии на електрични возила.
Построгите регулативи за управување со отпадот, подобрен надзор и воведување почисти технологии за ископување се гледаат како неопходни чекори за ублажување на овие ефекти.
Холи Јанг е новинарка за клима и животна средина во редакцијата на DW со седиште во Берлин, Германија.
Извор: Дојче Веле