Брисел. 13 мај 2025 – Европската Унија нема намера повторно да купува руски енергенси, дури и во случај на постигнување мировен договор во Украина. Ова го изјави европскиот комесар за енергија Дан Јоргенсен пред неформалниот состанок на министрите за енергетика во Варшава.
„ЕУ е многу јасна. Не сакаме руска енергија сега, и нема да ја сакаме ни по мирот“, изјави Јоргенсен, посочувајќи дека новата стратегија на Комисијата е „многу јасна порака“ дека Европа не сака да увезе „ниту молекула“ руски гас во иднина.
Оваа изјава следи по објавувањето на патоказот на Европската комисија на 6 мај, со кој се планира целосно укинување на увозот на руски фосилни горива до крајот на 2027 година. Комисијата најави дека во јуни ќе предложи законски измени за забрана на увоз на руски гас преку нови и постојни краткорочни договори до крајот на 2025, а потоа и на долгoročните договори најдоцна до крајот на 2027.
Според Кристијан Цингерслен, директор на АЦЕР – европската агенција за енергетска регулација, патоказот е „амбициозен, но и прагматичен“ и покажува јасна политичка волја за напуштање на зависноста од рускиот гас, кој моментално сочинува 12–13% од вкупниот увоз во ЕУ.
Но, и покрај политичката определба на ЕУ, неколку земји, особено Унгарија и Словачка, отворено се противат на планот за забрана на рускиот гас.
Словачкото Министерство за економија соопшти дека предлог-забраните не се во интерес на земјата и нема да ги поддржи. Тие предупредија дека ваквите мерки ќе имаат негативно влијание врз цените на енергијата и конкурентноста на европската индустрија.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека „политички мотивираниот план на Комисијата е сериозна грешка“. Тој го обвини Брисел дека ја загрозува енергетската безбедност и ги префрла трошоците на поддршката за Украина врз земјите-членки.
Унгарија во 2021 склучи 15-годишен договор со Газпром за испорака на 4.5 милијарди кубни метри гас годишно, а во 2023 увезе повеќе од 5.5 милијарди кубни метри. Во 2024 се очекува увозот да достигне до 7 милијарди.
Словачка, пак, откако престана испораката преку Украина во 2024 година, се потпира на гас преку Турски тек и инфраструктурата во Унгарија, но ова не ги покрива целосно потребите. Словачката влада предупредува дека алтернативите не се доволни и дека мерките на ЕК никогаш не биле усогласени со државите-членки.
Премиерот Роберт Фицо на 7 мај го оцени планот на Комисијата како „политички и идеолошки документ што не смее да се реализира“.
Извор: Spglobal.com