Дали на Европа ѝ е потребна супермрежа?

Дали на Европа ѝ е потребна супермрежа? Експертите ги разгледуваат добрите и лошите страни на поврзувањето на националните електромрежи

По големиот прекин на електрична енергија во Шпанија и Португалија, експертите повторно ја отвораат дебатата околу создавање супермрежа низ Европа.

Во време кога војната меѓу Русија и Украина, климатските промени и трговските тензии меѓу САД и Кина сè повеќе ја изложуваат ранливоста на енергетскиот систем, Европа се наоѓа на енергетска раскрсница.

Како дел од напорите за зголемување на енергетската независност, Европската Унија најави дека во 2025 година ќе додаде уште 89 гигавати (GW) од капацитетот за обновлива енергија, што е десет повеќе од 2024 година, главно преку нови соларни проекти.

Advertisement

Овој чекор се очекува да ѝ помогне на ЕУ да ги исполни климатските цели за 2030 година, што подразбира намалување на нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 55% во споредба со нивото од 1990 година. Дополнително, супермрежата би ја намалила зависноста на ЕУ од увоз на гас.

Сепак, настаните како неодамнешниот прекин на снабдувањето со електрична енергија на Пиринејскиот полуостров покажуваат дека можеби е неопходно посуштинско решение на ниво на цел континент.

Некои експерти сметаат дека европска супермрежа е токму тоа решение.

Супермрежата би значела воспоставување прекугранична високонапонска електромрежа, поддржана со адекватна инфраструктура на сите нивоа на напон. Таквата мрежа би можела да ја опслужува цела Европа, вклучително и Турција и делови од Северна Африка.

Дали Европа има потреба од супермрежа?

Со постојаното зголемување на побарувачката за електрична енергија, една од главните предности на супермрежата би била енергетската стабилност. Иако Европа инвестира сè повеќе во обновливи извори, како ветер и сонце, овие технологии не обезбедуваат континуиран доток на струја, ветерот не дува секогаш, а соларните панели не работат ноќе.

Понекогаш дури и се случува да се произведе повеќе електрична енергија отколку што има побарувачка, особено во услови на силно сонце или ветер. Овој вишок ја намалува цената на струјата и производителите се принудени да ја подаруваат, наместо да ја извезуваат или складираат.

Мајкл Ешли Шулман, коосновач и директор за инвестиции во Running Point Capital Advisors, објаснува:

„Како што континентот се потпира сè повеќе на обновливи извори, јасно е дека ветерот од северот, сонцето од југот и расфрланата хидроенергија мора некаде да се сретнат. Супермрежата овозможува зелена енергија да тече преку граници, да ја балансира понудата и побарувачката, да ги намали цените, ја зголеми отпорноста и да го забрза напуштањето на фосилните горива.“

Сепак, наместо една голема супермрежа, можеби ќе бидат потребни неколку регионални, смета Хуберт де ла Грандиер, директор на SuperGrid Institute.

„Франција, Велика Британија, Германија и Италија веќе планираат повеќе мултитерминални HVDC мрежи – мали супермрежи“, вели тој.

Тој додава дека офшор супермрежите, како први чекори во оваа насока, би можеле да заштедат CO₂, ресурси и материјали преку подобра интеграција на ветерната енергија на море.

Александрос Факас Какурис од Renewables Grid Initiative нагласува:

„Електромрежите се клучни за електрификацијата, интеграцијата на обновливите извори и функционирањето на пазарот. Тие се столб на енергетската транзиција – сигурна, ефикасна и прифатлива.“

Но, супермрежата не е магично решение

Според Тереза Гутман од Институтот за еколошка економија при Универзитетот во Виена, супермрежата мора да служи на еколошката одржливост, општествената правичност и енергетската демократија – а не само на корпоративната ефикасност.

„Таа треба да поврзува региони, не да централизира контрола“, вели Гутман.

Дали климатските промени ја зголемија потребата од супермрежа?

Климатските промени, преку екстремни временски услови како поплави и топлотни бранови, претставуваат сериозна закана за постојната енергетска инфраструктура. Воедно, ја засилуваат непредвидливоста на ветерот и сонцето.

Супермрежата би можела да придонесе за отпорност преку поврзување на различни извори и земји, обезбедувајќи постабилен систем.

Но, потребни се огромни инвестиции. Европската комисија проценува дека до крајот на деценијата ќе бидат потребни околу 584 милијарди евра за развој на мрежата.

„Недостатокот на развој на мрежи, вклучувајќи го и проширувањето, претставува ризик за безбедноста на снабдување и ја зголемува цената на енергетската транзиција“, предупредува Меѓународната агенција за енергија (IEA).

Какурис додава:

„Поради растот на обновливите извори, често лоцирани во оддалечени области, недоволниот капацитет на мрежата – и прекугранично и внатрешно – може да стане тесно грло во транзицијата.“

Гутман, пак, предупредува против брзи и непромислени проекти:

„Итноста не смее да биде изговор за инфраструктура без еколошки и општествени гаранции. Ни требаат системи што ќе декарбонизираат, децентрализираат, но и ќе останат правични.“

Супермрежата, според некои, треба да биде само дел од пошироко решение.

Дорон Шмуели, директор на MayMaan Research, истакнува:

„Супермрежата може да помогне во дистрибуцијата, но не е доволна сама по себе. Потребна е комбинација од големи инфраструктурни инвестиции и децентрализирани решенија, како што се автономните системи.“

Кои се предизвиците за изградба на европска супермрежа?

Иако некои земји-членки, како Данска, Холандија и Германија, работат на сопствени супермрежи, паневропските иницијативи забавија. Причините се бројни: од комплексни дозволи, до тешка координација меѓу различни закони и институции, и отпор од локалните заедници.

„Поврзувањето на десетици национални мрежи не е само инженерски предизвик – тоа е политичка минско поле. Секој држи до својот енергетски суверенитет, а никој не сака далноводи во својот двор“, вели Шулман.

И додава:

„Високи трошоци, сајбер ризици и регулаторен хаос – затоа супермрежата сè уште е повеќе PowerPoint презентација отколку реалност. Освен кабли, Европа треба и политичка волја, длабоки џебови и визија надвор од националните граници.“

Покрај тоа, распределбата на трошоците може да предизвика конфликти, бидејќи придобивките не секогаш се чувствуваат таму каде што се прават инвестициите.

Какурис советува долгорочна визија:

„Оптимизацијата на системот бара приоритет на долгорочната вредност, а не само на моменталните ниски трошоци. Во спротивно, фосилните горива ќе останат уште долго.“

Други предизвици вклучуваат техничка стандардизација, недостиг од работна сила и индустриски капацитет, како и опасност од преголема поврзаност, што може да доведе до масовни прекини или сајбер напади.

„Супермрежата може да биде поотпорна, ако се направи како што треба. Но, без силна безбедност, координација и резервни системи – таа може да биде и многу ранлива“, предупредува Шулман.

На крај, Гутман резимира:

„Супермрежата не е само прашање на кабли. Тоа е прашање на моќ, пристап и насока. Ако не се адресираат прашањата за управување, легитимност и праведна распределба – ниту еден ‘зелен’ проект нема да успее. Вистинскиот предизвик не е технички – туку визионерски. Можеме ли да изградиме мрежа што овозможува праведна транзиција и почит кон локалните заедници?“

Извор: Euronews

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement