Будимпешта. 09 мај 2025 – Унгарија нема да го поддржи предлогот на Европската комисија за забрана на руските енергенси, изјави во петокот премиерот Виктор Орбан, подвлекувајќи дека, сепак, Будимпешта нема да може да го спречи неговото усвојување ако се гласа со квалификувано мнозинство, а не по принципот на консензус.
„Брисел може да го протурка овој план и без нашата поддршка“, објасни Орбан, истакнувајќи дека Европската унија има механизми кои дозволуваат носење одлуки дури и без согласност од сите држави членки.
Според унгарскиот премиер, иницијативата на ЕК е насочена директно против Унгарија, затоа што таа се спротивставува на членството на Украина во ЕУ и често е во несогласување со мнозинството во Унијата. Тој предупреди дека евентуалната забрана за увоз на руски гас ќе доведе до нагло зголемување на цените на енергенсите, што ќе има сериозни последици за унгарските домаќинства.
Според пресметките на унгарската влада, таквата одлука би значела дополнителни 800 милијарди форинти (околу 2 милијарди евра) годишни трошоци за земјата.
Орбан додаде дека и покрај ваквата ситуација, не е сам во отпорот кон овој предлог. Како пример го посочи словачкиот премиер Роберт Фицо, кој го нарече планот на Брисел „економско самоубиство“ на Европа.
Орбан предвидува дека следат месеци на жестока политичка битка во рамките на ЕУ околу ова прашање.
Извор: Report.az