КОЛУМНА: Гасниот интерконектор со Грција е стратешка пресвртница – но не и последната станица

Енергетика 24

Неодамна потпишаниот договор меѓу Македонија и Грција за изградба на гасниот интерконектор кој за 22 месеци ќе ги поврзе двете земји не е само билатерален инфраструктурен проект. Тоа е одлучен пресврт во енергетската политика на Македонија, и е симбол на стратешка зрелост, бидејќи нашата држава конечно се оттргнува од еднодимензионалната зависност од рускиот гас и се приклучува кон европската мрежа на енергетска безбедност, интеграција и диверзификација.

Но, како што е често случај со крупните проекти, првиот чекор е само половина од патот. Ако навистина сакаме да го капитализираме овој пресврт, мора итно да се премине на следната фаза, изградба на гасен интерконектор со Србија, но, во иднина и гасно поврзување со Косово.

Advertisement

Со децении, енергетската безбедност на Македонија беше заложник на еден единствен снабдувачки правец преку Бугарија, речиси целосно базиран на руски гас. Војната во Украина ги направи последиците од таквата зависност болна реалност. Новиот 123-километарски гасовод од Грција е токму алтернативата што ѝ недостасуваше на Македонија. Со поврзување на македонската мрежа со грчката, вклучително и терминалите за течен природен гас во Александруполис и Ревитуса, земјата добива пристап до глобалните гасни пазари и различни добавувачи. Покрај тоа, овој потег го намалува геополитичкиот ризик, ја зголемува ценовната стабилност и ја приближува Македонија до енергетските стандарди на Европската унија, што е предуслов за напредок во пристапните преговори.

Со капацитет до 3 милијарди кубни метри годишно, гасоводот може не само да ги задоволи домашните потреби, туку и да ја претвори земјата во транзитна дестинација кон други пазари. Оттука, економските придобивки се очигледни: пониски цени поради конкуренција, можности за приход од транзитни такси и странски инвестиции во дополнителна инфраструктура. Веќе се најавени нови проекти за внатрешни гасоводи (Гостивар–Кичево и Свети Николе–Велес), поддржани од ЕБОР.

Интерконекторот со Грција е дизајниран, покрај за природен гас, да биде „подготвен за пренос на водород“. Тоа можеби изгледа далечно, но е клучно за да се избегне ризикот од нефункционална инфраструктура во иднина. Европа забрзано се декарбонизира, а оваа „флексибилност“ овозможува македонската енергетска мрежа да остане релевантна и по 2030 година.

Зошто мора веднаш да следи интерконекторот со Србија

Гасоводот кон Грција е логичен и неопходен чекор. Но неговата вистинска вредност ќе се оствари само ако се продолжи со реализација на интерконекторот кон Србија.

Овој проект од околу 70 километри (23 во Македонија), поддржан од ЕБОР и Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, претставува стратешко продолжување на јужниот коридор. Тој ќе овозможи транзит на гас од грчките LNG терминали преку Македонија до Србија, земја која сè уште е речиси целосно зависна од руски гас. Ова отвора врата за северна и централноевропска дистрибуција и ѝ дава на Македонија клучна улога во регионалната енергетска стабилност.

Гасоводот кон Србија значи пристап до нови пазари, нови приходи и стабилно снабдување за домашната индустрија. Но тој е и политички сигнал, дека Македонија е подготвена за повисоко ниво на регионална поврзаност и европска соработка. Во време на глобални енергетски шокови и климатски обврски, ова не е само рационален избор, туку стратешка нужност.

Оттука, министерката Сања Божиновска со право го нарече проектот со Грција „најголемата енергетска инвестиција во последните десет години“. Амбициозната министерка, која влезе во владата минатата година без политичко искуство, за речиси помалку од една година покажа дека со посветеност и истрајност, проектите кои долги години биле занемарувани поради политички причини, но најчесто поради немање вистинска визија за тоа како треба да изгледа енергетската мапа на Македонија, денес се веќе реалност.

Затоа, земјата не смее тука да застане, бидејќи ќе направи само половина чекор. Македонија долго време чекаше и набљудуваше како во соседството ја одминуваа проектите за гасно поврзување. Оттука, во претстојниот период државата мора да го врати приматот на енергетски јазол на Балканот, кој ќе го засили сопствениот и регионалниот енергетски суверенитет и ќе ја забрза модернизацијата на сопствената гасна мрежа. Во ера на климатски и геополитички неизвесности, ова е навистина инвестиција во иднината.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement