Брисел. 09 Mај 2025 – Европскиот парламент на 8 мај го усвои предлог-законот кој предвидува поголема флексибилност во правилата за складирање на гасот во ЕУ, со цел справување со пазарната шпекулација и намалување на цените на гасот. Законот беше поддржан со 425 гласови „за“, 106 „против“ и 43 воздржани.
Според предлогот, се предлага намалување на обврската за полнење на складиштата од досегашните 90% на 83%, со тоа што целта треба да се достигне во било кој момент меѓу 1 октомври и 1 декември. Земјите-членки ќе имаат можност да отстапат до четири процентни поени од таргетот при неповолни пазарни услови, како што се прекини во снабдувањето или екстремна побарувачка. Европската комисија би можела да дозволи дополнително отстапување од уште четири процентни поени доколку ваквите услови продолжат.
Парламентот нагласува дека и покрај флексибилноста, вкупното ниво на складирање не смее да падне под 75% од капацитетот. Моментално, складиштата на ЕУ се исполнети со 41,6% од капацитетот, додека зимата заврши со залихи од само 33,8%, покажуваат податоците на Gas Infrastructure Europe.
Некои земји-членки и пратеници предупредија дека строгите цели за складирање поттикнуваат шпекулации и синхронизирани набавки на гас кои ја зголемуваат цената. Според проценките на Platts, летната и зимската разлика во цената на гасот е мала: во третиот квартал од 2025 година TTF референтната цена изнесува 34,45 евра/MWh, додека зимската цена е 35,56 евра/MWh.
Законот сега влегува во преговори со Советот на ЕУ, под полското претседателство. Првата рунда разговори е закажана за 13 мај. Советот веќе предложи 90% полнење до 1 декември и индикативни цели во текот на годината (февруари, мај, јули и септември), со можност за отстапување до 10% во кризни услови.
Европската комисија на 5 март предложи продолжување на регулативата за складирање на гас до крајот на 2027 година, со што би им се овозможила поголема флексибилност на земјите-членки за времето и начинот на полнење на складиштата, во зависност од пазарните услови.
Пратениците побараа и целосна забрана на увоз на руски гас, вклучително и течен природен гас (LNG). „Важно е што Европа ги заштити своите граѓани во услови кога Русија го користеше гасот како оружје за уцена“, рече известувачот Боријс Будка. Тој подвлече дека целта на Парламентот е „повеќе флексибилност, помалку бирократија и пониски цени за потрошувачите“.
Европската комисија на 6 мај ја претстави својата мапа за елиминација на увозот на руска енергија, која предвидува законски предлози во јуни за забрана на сите нови и постојни договори за увоз на руски гас до крајот на 2025 година, а целосна забрана до крајот на 2027 година.
Извор: Европски Парламент