ЕУ ја таргетира руската „флота во сенка“ и бара Унгарија и Словачка да подготват планови за прекин на увозот на руска нафта до 2027

Брисел. 07 Мај 2025 – Европската комисија најави нов пакет мерки за справување со растечката „флота во сенка“ на руски танкери и побара од Унгарија и Словачка да изработат конкретни национални стратегии за целосно укинување на увозот на руска нафта до 2027 година. Овие мерки се дел од новиот енергетски патоказ објавен на 6 мај, со кој Европската Унија сака да ја стави крај на својата зависност од руските енергенси.

И покрај десетината пакети санкции воведени од 2022 година наваму, приходите од извозот на нафта и гас сѐ уште придонесуваат за финансирање на руската војна во Украина. ЕУ досега успеа значително да го намали увозот на руска сурова нафта, од 27% од вкупниот увоз во 2022 на само 3% денес, но во новиот документ се најавуваат дополнителни чекори за со кои се планира удар по нафтените приходи на Москва.

Комисијата особено се осврнува на таканаречената „флота од сенка“ – мрежа на стотици стари и небезбедни танкери што Русија ги користи за да ги заобиколи западните санкции и горната граница на цените воведена од Г7.

Advertisement

„Овие бродови често се стари, технички несоодветни, со нејасна сопственост и сомнителна осигурителна покриеност“, се вели во документот. „Претставуваат сериозен ризик за животната средина поради можноста од излевање на нафта и други видови поморско загадување.“

Според анализи на S&P Global Commodities at Sea и Maritime Intelligence Risk Suite, околу 580 танкери се користеле за превоз на санкционирана руска нафта, често минувајќи низ европски води, вклучително и низ Данскиот теснец.

Во април, Комисијата најави дека сите бродови кои пловат низ територијалните води на ЕУ ќе мора да доставуваат податоци за осигурување, но засега се воздржува од посериозни мерки како приведување на бродови кои не ги почитуваат правилата.

Наместо тоа, Брисел ќе ги засили дипломатските притисоци кон трети земји, особено оние чии знамиња ги носат овие бродови, и ќе соработува со Меѓународната поморска организација за да се воведат построги безбедносни стандарди.

Покрај ова, ЕУ разгледува формирање специјална мисија во рамки на Заедничката безбедносна и одбранбена политика за надзор на поморскиот сообраќај, со можност за проверка и контрола на сомнителни бродови на отворено море или во ексклузивните економски зони на земјите-членки.

Мисијата би имала овластувања да врши набљудување, да побара од бродовите да влезат во територијални води за инспекција, а со согласност од државата под чие знаме пловат, да се изврши и директна контрола и на меѓународни води.

Инаку, нафтоводот „Дружба“ останува главен извор на руска нафта за Словачка и Унгарија, двете земји што најмногу заостануваат со диверзификацијата на снабдувањето. Според податоците на Eurostat, над 80% од увезената нафта во овие две држави во 2023–2024 била од Русија, што претставува сериозен ризик по енергетската безбедност.

Чешка, за разлика од нив, во април успешно ја заврши експанзијата на нафтоводот Трансалпин, што ѝ овозможи целосно да ја замени руската нафта со други извори. Но Словачка и Унгарија, како држави без излез на море, остануваат речиси целосно зависни од рускиот нафтовод.

Од декември 2022 година ЕУ забрани увоз на руска нафта преку морски пат, а од февруари 2023 и нафтените деривати. Меѓутоа, за државите од Централна Европа беше дозволен исклучок снабдување со овој енергент преку нафтоводите.

Преку јужниот крак на „Дружба“, Русија испорачува околу 200.000–300.000 барели дневно сурова нафта во регионот. Унгарската компанија MOL, која управува со единствените рафинерии во Унгарија и Словачка – Данубе и Братислава и понатаму речиси целосно зависи од руска нафта. Двата капацитета заедно преработуваат околу 300.000 барели дневно.

Според новиот енергетски патоказ, Комисијата планира до крајот на 2025 година да предложи законска рамка со која Словачка и Унгарија ќе бидат обврзани да достават национални планови за постепено напуштање на рускиот нафтен увоз до 2027 година.

Во плановите ќе треба да бидат вклучени јасни рокови и етапи, конкретни мерки за реализација, информации за инфраструктурните капацитети за алтернативно снабдување и податоци за постојните договори со Русија и нивниот рок на истекување.

Комисијата оцени дека постојат доволни капацитети за замена на руската нафта, и ги повика овие земји приоритетно да инвестираат во алтернативна инфраструктура, особено во нафтоводот Adria, кој се поврзува со хрватското пристаниште Омишал.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement