КОЛУМНА: Тешката дилема меѓу економскиот раст, безбедноста и климата

Зелената агенда останува од клучно значење – но мора внимателно да се урамнотежи со другите суштински приоритети на нашето време.

Џорџ Бриџис

„Ирационален, неоснован, неодржлив“ – со овие зборови Тони Блер минатата недела го опиша досегашниот пристап на владите кон климатските промени. Тој повика на попрагматична стратегија и побара „решенија соодветни на обемот на предизвикот, и нова политичка волја за нивна реализација“.

За западноевропските влади, климатските промени денес се само една од трите големи егзистенцијални закани. Другите две се: губењето на економската конкурентност и раст, и растечката закана од Русија и Владимир Путин. Но, времето и ресурсите се ограничени — мора да се направи избор, па, оттука и прашањето, што треба да има приоритет?

Advertisement

Првиот приоритет мора да биде економскиот раст. Без него, Европа нема да може ниту да се одбрани, ниту да ја реализира енергетската трансформација, а потребните инвестиции се колосални. Планот „ReArm“ на ЕУ предвидува 800 милијарди евра до 2030 година; некои проценки велат дека европските земји ќе мора да го зголемат одбранбениот буџет за 250 милијарди евра годишно. Во исто време, за исполнување на климатските цели ќе бидат потребни дополнителни 477 милијарди евра секоја година.

Следува безбедноста. Не само затоа што мирот е предуслов за развој, туку и затоа што војна од поголеми размери би го парализирала економскиот напредок и иновациите — токму оние сили што треба да ја придвижат декарбонизацијата. Затоа земјите мора да направат нова проценка на ризиците и да се фокусираат на забрзано повторно вооружување. Тоа не е само прашање на војска, туку на мобилизација на целото општество: од човечки ресурси и инфраструктура, до логистика и прехрана.

За тоа да се постигне, европските влади мора да излезат од старите рамки. Системите се изградени во време на глобален мир и американска заштита. Климатската политика тогаш беше водена преку меѓународни договори, со регулатори кои имаа јасна мисија за борба со климатските промени. Евтините кредити и ниските камати го олеснуваа финансирањето на зелената транзиција. Но тој свет веќе не постои.

Сепак, многу од тие процеси и институции останаа, и често се во судир со новата реалност – во која се зборува за итна одбрана, но се уште се применуваат сложени климатски правила што ја отежнуваат мобилизацијата.

Затоа владините приоритети мора да се преиспитаат. Треба да се направат компромиси. Најважниот сектор каде тие се преклопуваат е енергетиката. Инвестициите во обновливи извори носат и енергетска безбедност, што е добро и за климатата и за одбраната. Но за реална сигурност, Европа ќе треба побрзо да ги зголеми капацитетите, не само за одбрана, туку и за напредни технологии како вештачката интелигенција.

Но, има еден проблем: изградбата на ветерни, соларни и нуклеарни капацитети трае. Сонцето и ветерот не се постојани. На кус рок, за стабилно и достапно снабдување со енергија, клучно за индустрискиот капацитет на Европа, гасот останува незаменлив. Прашањето е: дали владите, и граѓаните, се подготвени да прифатат повисоки емисии додека се зајакнува воената индустрија?

Исто така, регулативите мора да се преиспитаат. Владите треба да проверат дали надлежностите на регулаторите ја одразуваат вистинската рамнотежа меѓу растот, безбедноста и климатата.

И на крај, прашањето за финансиите: треба ли државите да ги пренасочат буџетите од субвенции за зелена транзиција кон одбранбени програми? Што ќе има поголем ефект во одвраќање на Путин во следните неколку години — повеќе електрични автомобили или повеќе дронови?

Во оваа трка со времето, Европа мора да донесе мудри, но тешки одлуки. Признавањето дека безбедноста треба да има предност пред климатата во краткорочен период, не значи негирање на климатската криза. Тоа е признание дека без мир, зелената транзиција е невозможна.

Растот и безбедноста мора да бидат на врвот. Време е европските лидери да се соочат со оваа реалност.


Авторот е поранешен претседател на Комитетот за економски прашања во Домот на лордовите.

Извор: Financial Times

Сподели:
Add a comment

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement