Брисел/Лондон. 05 Мај 2025 – Европската унија подготвува нова стратегија со која ќе се обиде да ги раскине преостанатите договори за снабдување со руски гас, но без формални санкции против увозот, компаниите ќе се соочат со сериозни правни препреки при напуштањето на тие обврски.
Официјалната најава се очекува во вторник, во момент кога САД вршат притисок за мировен договор меѓу Русија и Украина – потенцијален развој што би можел да доведе до делумна нормализација на односите и евентуално враќање на рускиот енергетски извоз на европскиот пазар.
Според последните податоци, околу 19% од гасот што го користи ЕУ сè уште доаѓа од Русија, најмногу преку гасоводот „Турски тек“, но и преку испораки на течен природен гас (LNG). Иако Унијата формално цели кон целосно напуштање на рускиот фосилен енергент до 2027 година, овој процес оди бавно и со значителни пречки.
„Комисијата разгледува правни алатки кои би им дозволиле на европските компании да ги раскинат договорите со руските снабдувачи, без последици – на пример преку повикување на виша сила – и воведување забрани за нови договори“, изјави висок претставник на ЕУ минатиот месец.
Но, според правните експерти, таквиот аргумент сè потешко се одржува, бидејќи руските испораки продолжуваат речиси непречено и покрај војната. Клучниот критериум за активирање на виша сила, односно, неможноста на една страна да ја исполни обврската, не е исполнет.
„Ако самата ЕУ реши да го прекине договорот, тоа не е ‘виша сила’, туку намерна политичка одлука. Тоа го поткопува целиот аргумент“, вели Агњешка Асон, експерт за енергетско право и истражувач во Институтот за енергетски студии во Оксфорд.
Ако ЕУ навистина сака целосно да се ослободи од рускиот гас, најефективен чекор би бил формално санкционирање на увозот, но тоа би барало консензус од сите земји-членки. И додека дел од земјите, како Полска и балтичките држави, поддржуваат таква мерка, други како Унгарија и Словачка остануваат цврсто против.
Во меѓувреме, низ европските судови се водат судски процеси помеѓу Гаспром и европски енергетски компании, со тужби и побарувања во вредност од околу 18,5 милијарди евра. Договорите често содржат „земи или плати“ клаузули, што значи дека купувачите мора да платат за речиси целосниот договорен волумен дури и кога одбиваат испорака.
Правниот експерт, Давид Хавербеке предлага алтернативен пристап: користење на регулаторни промени воведени од 2023 година за да се докаже дека постојат нови околности кои го оправдуваат раскинот или ревизијата на договорите.
„Аргументот за ‘тешкотија’ може да се заснова на новата правна рамка и зголемениот ризик од зависност од рускиот гас“, вели тој.
Една од можностите што се разгледуваат е и обврзување на идните купувања на руски LNG да се одвиваат исклучиво преку заедничкиот механизам за набавка на ЕУ, со поставување ограничувања за дозволените количини.
Извор: Ројтерс