Според најновиот Годишен извештај на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за 2024 година, пазарот на природен гас во Република Македонија и понатаму се одликува со стабилна потрошувачка, намалени крајни цени и континуиран развој на инфраструктурата, но останува недоволно развиен и концентриран во ограничен број потрошувачи.
Пазарот на природен гас е формално целосно либерализиран уште од 2015 година, што овозможува слободно формирање на цените од страна на снабдувачите и трговците. РКЕ и натаму има улога во утврдување на тарифите само за регулираните енергетски дејности — пренос и дистрибуција на природен гас.
Во 2024 година, преку системот за пренос управуван од државното акционерско друштво НОМАГАС Скопје беа пренесени вкупно 3.735.851.163 kWh природен гас, (околу 354.1 милиони м3) што е на приближно исто ниво како во 2023 година, и укажува на стабилизирана состојба по турбулентната 2022 година.
Инаку, Македонија го набавува најголемиот дел од природниот гас од Русија, кој пристигнува преку Трансбалканскиот гасовод преку интерконекторот Куманово – Деве Баир, поврзувајќи ја земјата со бугарскиот гасоводен систем. Од 2023 година е зголемен капацитетот на интерконекторот, што придонесе за поголема флексибилност и конкурентност на пазарот.
Најголеми потрошувачи остануваат комбинираните постројки за електрична и топлинска енергија и топланите, со 85% удел во потрошувачката, следени од индустриските потрошувачи (главно од металната индустрија) со 13%, додека учеството на дистрибутивните системи изнесува скромни 2%.
РКЕ нотира дека по драстичниот пораст на цените во 2022 година, цените на природниот гас во 2023 и 2024 година бележат значителен пад. Во 2024 година, крајните цени на мало за сите категории потрошувачи се движат од 45 до 80 евра по мегават-час (EUR/MWh), што е речиси за половина пониско од просекот во 2023 година.
Дополнително, во ноември 2024 година, РКЕ усвои нова тарифа за пренос на природен гас за 2025 година, со просечна вредност од 0,1370 денари по kWh, што претставува зголемување од 3,71% во однос на претходната година.
Клучен момент за гасниот сектор во 2024 година беше сертификацијата на НОМАГАС, операторот на системот за пренос, во согласност со Директивата 2009/73/ЕУ за внатрешниот пазар на природен гас. Постапката беше започната од РКЕ во октомври 2023, а завршена со конечна одлука на 4 јули 2024 година. Ова ја потврдува усогласеноста на операторот со европските регулативи и отвора пат за полесна интеграција со регионалните и европските мрежи.
НОМАГАС има планови за нови делници до Неготино, Гостивар и Битола, со кои ќе се покрие околу 70% од населението во земјата. Планирани се и интерконектори со Грција, Србија, Косово и Албанија, кои би ја подобриле енергетската сигурност и диверзификацијата на изворите на гас.
Во текот на 2024 година, РКЕ донесе повеќе подзаконски акти за дистрибутерите Куманово-Гас, Струмица Гас и ДТИРЗ, и изврши измени на Тарифниот систем за пренос и дистрибуција, како и на Правилата за снабдување со природен гас.
Бројот на приклучоци на преносниот систем се зголемил од 53 во 2015 година на 63 во 2023 и 2024, од кои 44 биле активни приклучоци. Загубите на природен гас во системот за пренос останале во рамките на дозволените 0,5% технички загуби, согласно правилникот на РКЕ.
Енергетика 24