Тони Блер: Нереално е да се укинат фосилните горива на краток рок

Лондон. 30 април 2025 – Поранешниот британски премиер Тони Блер повика на радикална промена во пристапот кон климатските политики, оценувајќи дека моменталната стратегија за ограничување на фосилните горива или наметнување ограничувања врз потрошувачката е „осудена на неуспех“.

Во воведот на новиот извештај на Институтот Тони Блер (TBI), насловен како: „Климатскиот парадокс: Зошто е потребен нов почеток во борбата против климатските промени“ тој ја истакнува потребата од „порелаксирана, прагматична политика“, која наместо едноставно да ја намалува употребата на фосилни горива, ќе се фокусира на технолошки решенија, како што се складирање на јаглерод диоксид, нуклеарна енергија и мали модуларни реактори.

„Граѓаните се повикуваат на финансиски жртви и промени во животниот стил, додека нивното влијание врз глобалните емисии останува минимално“, вели Блер. Според него, климатската дебата е „исполнета со ирационалности“, а поддршката за концептот на нето нула е во опаѓање.

Advertisement

Инаку, извештајот на TBI, чиј автор е Линди Фурсман, истакнува дека политиките за нето нула сè почесто се перцепираат како „неприфатливо скапи, неефективни или политички токсични“. Сепак, најновите истражувања покажуваат дека 66% од британските граѓани сè уште се загрижени за климатските промени, а поддршката за амбициозни зелени политики останува релевантна.

Блер, иако ја признава потребата од обновливи извори, смета дека вниманието треба да се пренасочи кон напредни технологии кои ќе овозможат балансирана транзиција. Тој посочи на зголемената побарувачка за фосилни горива во земји како Кина и Индија, зголемениот воздушен сообраќај и растечката потреба за челик и цемент, како докази за тоа дека краткорочното укинување на фосилните извори е нереално.

Спротивно на овие тврдења на Тони Блер, лидерот на Лабуристичката партија и сегашен британски премиер, Кир Стармер, неодамна изјави дека неговата влада оди „со полна пареа“ кон нискојаглеродна иднина, подвлекувајќи дека климатската акција и енергетската безбедност се „во ДНК-то на неговата влада“.

Фосилните горива сè уште сочинуваат над 75% од глобалните емисии на стакленички гасови, но, дебатата за тоа дали нивното ограничување или технолошкиот напредок е поефикасен пат до климатска стабилност, останува отворена.

Извор: Tony Blair Institute for Global Change

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement