Брзиот раст на дата центрите и вештачката интелигенција го вклучува алармот за енергетска одржливост од двете страни на Атлантикот.
Брзиот подем на вештачката интелигенција (ВИ) ја турка глобалната побарувачка за електрична енергија кон нови височини. Засега, Соединетите Американски Држави цврсто го држат водството во енергетската потрошувачка за ВИ, додека Европа, предводена од Ирска, се бори да одговори на предизвиците од растечките дата центри. Оваа трка не само што ја става на тест енергетската инфраструктура, туку и ги доведува во прашање климатските цели и одржливоста.
Всушност, САД се на добар пат да станат глобален енергетски центар за вештачката интелигенција. Проценките се дека до 2030 година, потрошувачката на енергија за обработка на податоци во САД ќе го надмине она што денес го троши целиот енергетски интензивен производствен сектор. ВИ веќе „голта“ меѓу 10 и 20% од енергијата на дата центрите во земјата, а прогнозите велат дека до 2026 година побарувачката ќе се зголеми за дополнителни 60 терават-часови (TWh).
Технолошките џинови како Google, Amazon и Microsoft инвестираат милијарди во проширување на дата центрите, чии ВИ модели стануваат сè посложени и енергетски гладни. Ова ја зацврстува позицијата на САД како предводник, но покренува и дебати за иднината на енергетскиот систем.
Истовремено, од другата страна на Атлантикот, иако мала, Ирска е европски првак во потрошувачката на енергија за дата центри. Во 2022 година, овие центри „проголтале“ 5,3 TWh, што е 17% од вкупната електрична енергија во земјата. Ако трендот продолжи, до 2026 година речиси една третина од струјата во Ирска би можела да биде наменета за дата центрите.
Впрочем, поволните даноци и стабилната инфраструктура ја прават Ирска магнет за технолошките компании, но овој бум ја става националната енергетска мрежа под огромен притисок. Граѓаните и властите сè погласно бараат одржливи решенија за да се избегне енергетски колапс.
Освен Ирска, и Данска и Шведска се соочуваат со растечка енергетска побарувачка. Во Данска, дата центрите веќе трошат околу 20% од националната струја, додека Шведска, со своите 60 дата центри, ја користи студената клима и „зелената“ енергетска мрежа за да го ублажи влијанието.
Според прогнозите, до 2026 година, дата центрите во Европската Унија ќе трошат близу 150 TWh, а ВИ системите ќе бидат меѓу најголемите потрошувачи. Ова ја става ЕУ пред тешка задача: како да се балансираат дигиталниот напредок и строгите климатски цели?
Всушност, тренингот на големите ВИ модели е вистинското енергетско „чудовиште“. На пример, едно барање до четбот како ChatGPT троши десетпати повеќе енергија од обично пребарување на интернет. Глобално, ВИ системите моментално користат околу 4,3 гигавати струја, а до 2028 година оваа бројка може да скокне на 13,5 до 20 гигавати.
Покрај ова, процесот на ладење на дата центрите дополнително ја зголемува потрошувачката на енергија и вода, што носи нови еколошки предизвици. За да се справат, компаниите вложуваат во енергетски штедлив хардвер, обновливи извори и нови технологии за ладење.
Додека САД ја предводат ВИ револуцијата благодарение на својата огромна инфраструктура, Европа, а особено Ирска, се бори да го усогласи дигиталниот раст со ограничените енергетски ресурси. Балансот меѓу економскиот напредок и еколошката одговорност станува сè покритичен.
Во годините пред нас, глобалната заедница – од влади до технолошки компании и обични граѓани – ќе мора да најде начин да ги искористи придобивките од вештачката интелигенција без да ја загрози енергетската стабилност. Одговорноста и иновациите ќе ја обликуваат иднината на овој нов енергетски пејзаж.
Што се тоа дата центри? Дата центрите се големи објекти полни со илјадници компјутерски сервери што непрекинато складираат, обработуваат и управуваат со податоци. Кога ги зачувувате вашите податоци во облак или користите интернет услуги, тие се складираат и обработуваат во овие дата центри. Тие се клучна инфраструктура што поддржува сè – од финансиски трансакции и социјални мрежи до владини операции. Бидејќи дата центрите работат 24/7, ним им треба постојано и стабилно снабдување со електрична енергија, што ги прави значајни потрошувачи на енергија на глобално ниво. Моментално, дата центрите трошат повеќе од 1% од светската електрична енергија, а нивниот број брзо расте поради зголемената побарувачка за облак-услуги, 5G, вештачка интелигенција и копање криптовалути.
Енергетика 24