Вашингтон. 24 март 2025 — Најновите американски санкции против трговијата со иранска сурова нафта ги ставаат кинеските мали рафинерии пред сериозни предизвици. Овие мерки, кои се дел од обновената стратегија на Вашингтон за „максимален притисок“ врз Техеран, директно ги погодуваат т.н. „чајни“ рафинерии, кои во последните години беа клучни купувачи на иранската сурова нафта.
Една од погодените компании е Shandong Shouguang Luqing Petrochemical од провинцијата Шандонг, која американското Министерство за финансии ја санкционираше поради увоз на иранска нафта во вредност од околу 500 милиони долари преку бродови на т.н. „флота во сенка“. Иако рафинеријата има мал капацитет (60.000 барели дневно), таа е значаен локален работодавец (3.000 вработени) со годишен приход од 75 милијарди јуани (10 милијарди долари).
„Чајните“ рафинерии долго време опстојуваа благодарение на евтината иранска, но и руска нафта. Со најновиот пакет санкции несомнено се нарушува досегашниот модел. Иако Кина во јануари-февруари 2025 година го зголеми увозот на малезиска нафта (1,23 милиони барели дневно), ограничувањата воведени за 19 танкери и компании може да го намалат протокот на иранска сурова нафта.
Инаку, цените на иранската нафта во Шандонг моментално се на попуст од 1 долар во однос на Брент што всушност е најмалото поевтување од 2023 година. Се смета дека доколку санкциите бидат на сила подолг период, Иран може да биде принуден да и понуди на Кина уште поголеми попусти.
Извор: Energy Intelligence