Од 1 март 2025 година поскапува парното греење во Скопје

Скопје. 01 март 2025 – Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) денеска донесе одлука за зголемување на цените на топлинската енергија. Од 1 март 2025 година, цената за потрошувачите на ЕСМ Енергетика се зголемува за 5,17%, додека корисниците на Скопје Север – Енерџи еколинк ќе плаќаат 5,25% повеќе. Ова поскапување се однесува на вкупно 2.500 потрошувачи.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, објасни дека корекцијата на цените доаѓа по поднесените барања од двете компании во февруари, а главната причина е растот на цената на природниот гас на светските берзи. „Во последниот квартал од 2024 година, цената на гасот порасна за 16%, што е резултат на сложените геополитички случувања. Ова е клучниот фактор за денешната одлука“, изјави Бислимоски. Тој потсети дека слична корекција беше најавена и за најголемиот систем за парно греење, кој опслужува над 95% од домаќинствата.

РКЕ изврши детални анализи врз основа на поднесените барања, по што одобри корекција на цените за двете компании, со важност од 1 март. Паралелно, на денешната седница беа издадени две лиценци за Енерџи еколинк АД Скопје за регулирано производство и снабдување со топлинска енергија, додека постапката за лиценца за дистрибуција е во тек.

Advertisement

„Станува збор за топланата Скопје Север, која неодамна ја презеде приватен инвеститор. Ова е финализација на процесот за лиценцирање на компанија што повеќе од 20 години врши јавна дејност“, рече Бислимоски. Тој додаде дека РКЕ целосно ги поддржува инвестициите што го подобруваат квалитетот на снабдувањето и проширувањето на мрежата, нагласувајќи дека парното останува еколошки и економски најповолен начин за затоплување.

Според анализите на РКЕ, сметките за парно се најниски во споредба со другите опции за греење. Бислимоски потенцира дека доколку сите исклучени корисници повторно се приклучат на системот, трошоците за домаќинствата би се намалиле за околу 10%.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement